-7.2 C
Skopje
1.9 C
Podgorica
-1.6 C
Belgrade
Monday, 17 January 2022
spot_img

На полица една цена, а на каса друга

На полица пониска цена, а на каса се отчукува друга повисока. Граѓаните често се непријатно изненадени кога при плаќање на каса или при проверка на сметката откако платиле ќе видат дека им се наплатува повисока цена од онаа што ја виделе на полиците во маркетите. Случката најчесто завршува со платена повисока цена, а ако навреме се забележи измамата и се реагира, тогаш следува одговор на каса „останала рекламната цена“, „цената е од друг производ“, „да го викнам шефот“.

Граѓани се жалат дека вакви случки имаат многу често, но поради невнимание не ги забележуваат „кражбите“ на трговците.

Според граѓаните ваквата појава е секојдневна, а најизразит за време на сезонски попусти кога има и најголем промет во маркетите.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека ваквиот начин на однесување на трговците се смета за „измама при означување“.

Потрошувачот треба во вакви случаи да ја плати цената која се наоѓа на полицата и на производот, а таму треба да биде цената со попустот, бидејќи поради таа цена се одлучил и да го купи производот. Ако се случи на каса да има недоразбирање и му се наплаќа повисока цена, треба да го остави производот и да не го купи. Само на таков начин ќе ги научиме трговците да бидат поодговорни – вели претседателката на Организацијата на потрошувачи.

Претседателката на организацијата на потрошувачи вели дека вакви случки стануваат практика бидејќи трговците навреме не ги променуваат цените на полиците по завршена распродажба или попуст. Во некои случаи станува збор и за манипулација на потрошувачите.

Тоа најчесто се случува за време на тотална распродажба кога на излозите се рекламираат најголеми попусти, а во објектот или на касата има сосема друга цена. Тогаш потрошувачот кој мислел дека ќе добие производ по ниска цена е изманипулиран – вели претседателката.

Економистите објаснуваат дека, со оглед дека ваквата појава не е ретка во маркетите, станува збор компаниска корпоративна (не)култура која поминува неказнето од надлежните инспектори и може да трае со месеци, ако не изреагираат граѓаните. Бидејќи појавата е незаконска, додаваат тие, секој граѓанин треба да реагира не само до Организацијата на потрошувачите, туку и во надлежната пазарна инспекција.

Според законот за заштита на потрошувачите „трговецот мора да се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба.

Обврската е регулирана во неколку членови. Членот 12 вели дека „означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент, треба да бидат реални и вистинити и изразени на јасен и недвосмислен начин“

Во член 137 точка 9 е предвидена и глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност за правното лице, односно на трговецот поединец, ако не се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба (член 8 став 9).

Глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба на правното лице, односно на трговецот поединец ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец.

Пазарните инспектори во практика ги гледаат овие неправилности, само ако потрошувачите реагираат. При тоа прават проверка на извештајот на касата. Ако утврдат неправилност тогаш изрекуваат казни но и едукација на тие што го прекршиле законот.

Инспекторите во првите шест месеци од годинава извршиле вкупно 15.543 надзори и 5.395 контроли. Меѓу нив 131 се за прекршување на законот за потрошувачи. Колку од нив биле за цените е непознато.

Latest Articles